Jeyhun Aliyev,Talha Yavuz
28 Јануари 2022•Ажурирај: 30 Јануари 2022
ЗОЛОТЕ (АА) - Припадниците на Украинските вооружени сили на фронтот Золоте, во Донбас, со новинарите на Агенција Анадолија (АА) ги споделија своите ставови за најновите случувања во источна Украина, во услови на зголемена руска воена толпа на границата.
Додека едни веруваат дека Русија нема да ја нападне Украина и дека неодамнешните тензии на границата се само руска провокација, други веруваат дека може да избие војна и дека евентуален напад може да резултира со нуклеарна или Трета светска војна.
Фронтот Золоте, кој беше сведок на судири меѓу Украинската армија и проруските сепаратисти, се наоѓа во областа Луганск, во регионот Донбас. Золоте, едно од жариштата на конфликтот, е линија и точка на контакт меѓу двете страни од 2014 година.
Запрашан за можна ескалација на тензиите, еден од украинските војници, чиј идентитет од безбедносни причини не е откриен, за АА изјави дека целта на Русија е да ги исплаши, додавајќи дека не мисли дека ќе дојде до голем напад.

„Војната трае осум години, тоа не е ништо ново. Дури и да има голем напад [од Русија кон Украина, заб. на ав.], тоа ќе биде слично на светска војна. Но мислам дека тие нема да нападнат“, рече тој.
Друг војник од фронтот смета дека нема да има дополнителна ескалација.
.„Мислам дека тие [руската страна, заб. на ав.] нема да одат понатаму бидејќи не се глупави и разбираат дека целиот свет може да се обедини против нив, а тоа е премногу за нив“, рече тој.
Друг украински војник, исто така, ја поддржува идејата дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се плаши да ја нападне Украина, бидејќи таа земја е поддржана од многу сојузи.

„Руската бела мечка сега е лута и може да игра на сѐ или ништо“, изјави еден од украинските војници.
Неговиот колега, пак, додава дека сѐ може да се очекува од Русија, потсетувајќи на нападот врз Чеченија во 1994 година.
„Постоеја голем број мировни договори проследени со борби и тоа е циклус. Доколку тоа не се заврши преку дипломатски пат, ќе има војна“, додаде тој.
- Провокација -
Друг војник од фронтот смета дека неодамнешните тензии се еден вид провокација и дека руската страна ја користи заканата и оваа ситуација за да ги постигне своите геополитички цели.
„Но, во секој случај, Украинците се подготвени за каков било развој на ситуацијата“, додаде тој.
Неговиот колега смета дека, генерално, постои можност Русија еден ден да ја нападне Украина, но не сега.

„Само чувствувам дека Путин се обидува да ги свитка мускулите, но сега не е време за напад. Доколку нападне, на целиот свет ќе му докаже дека е агресор“, рече украинскиот војник.
Еден од нив смета дека нападот врз Украина може да резултира со нуклеарна или Трета светска војна, додека има и такви кои тврдат дека е невозможно да се предвиди што ќе се случи.
- Воените движења долж границата ги следи целиот свет -
Во регионот, каде што температурата на воздухот се спушта под нулата, војниците на фронтот продолжуваат да чуваат стража во тешки зимски услови. Додека во текот на денот нема судири на фронтот, војниците редовно патролираат во областа и го набљудуваат регионот со двогледи.
Во време на зголемени тензии меѓу Русија и Западот, погледите се насочени кон активностите на линијата на фронтот меѓу проруските сепаратисти и регионот под контрола на Украина, на границата меѓу двете земји.

Со дипломатските иницијативи сѐ уште постојат обиди да се спречи тензиите во регионот да прераснат во војна, а воените движења на линијата на фронтот и долж границата внимателно се следат низ целиот свет.
Насобирањето на десетици илјади руски војници на границата со Украина во последните недели ги зголеми стравувањата од инвазија, додека Русија негира дека планира напад.
Војната започна откако на 21 ноември 2013 година избија демонстрации во главниот град на Украина, Киев, откако тогашниот украински претседател Виктор Јанукович не го потпиша Договорот за пристапување кон Европската Унија. Откако Јанукович избега од земјата во февруари 2014 година, демонстрациите ескалираа, а проруските сепаратисти ја прогласија својата таканаречена независност во Доњецк и Луганск во источниот дел на земјата, додека Русија го анектира украинскиот полуостров Крим.
Според Обединетите нации, повеќе од 13.000 луѓе се убиени во судирите меѓу сепаратистите и Владата во Киев од 2014 година.