Ekipa
23 Август 2020•Ажурирај: 24 Август 2020
БАГДАД (АА) - Коалицијата против ДЕАШ предводена од Соединетите Американски Држави (САД) денес се повлече од воената база „Таџи“ во Ирак и ја предаде на ирачката Армија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Повлекувањето на воениот персонал на Коалицијата е дел од долгорочниот план, координиран заедно со владата на Ирак“, се вели во соопштението на Коалицијата.
Во соопштението се наведува дека базата „Таџи“, лоцирана на 85 километри северно од Багдад, била главната база за обука на ирачките сили.
Генерал-мајор Тахсин ал Хафаџи, портпарол на заедничките операции на ирачката Армија, изјави дека повлекувањето на трупите е во согласност со временската рамка за предавање на другите воени бази во Ирак.
Ова е седма воена база предадена на ирачката Армија оваа година.
Повлекувањето доаѓа во услови на зголемени напади од милициите поддржани од Иран врз базите во кои се сместени американски трупи и дипломати во Ирак.
Американските официјални претставници во неколку наврати ги обвинија бригадите на ирачки Хезболах, кои работат под капата Народните сили за мобилизација (Хашд ал Шаби), за ракетните напади врз воените бази во кои се сместени американските трупи и врз други објекти во Ирак.
Овие напади се интензивираа откако САД го убија иранскиот генерал Касим Сулејмани во напад со беспилотно летало во Багдад, на почетокот на јануари.
Во моментов, во рамките на Коалицијата предводена од САД во Ирак има околу 5.000 американски војници, заедно со околу 2.500 други трупи.
По разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела во Вашингтон, ирачкиот премиер Мустафа ал Кахими рече дека американскиот претседател ветил дека ќе ги повлече сите американски трупи од Ирак во рок од три години.