Servet Günerigök
08 Февруари 2022•Ажурирај: 09 Февруари 2022
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека би било огромна грешка рускиот претседател Владимир Путин да преземе какви било воени потези против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тој мора да разбере дека би било огромна грешка за него да тргне на Украина. Влијанието врз Европа и остатокот од светот би било катастрофално, а тој би платил висока цена“, им рече Бајден на новинарите на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Бајден повтори дека Вашингтон ќе воведе строги санкции кон Русија доколку Путин одлучи да ја нападне Украина, што според него ќе влијае и на САД и на европските држави, „но тоа ќе има длабок ефект врз руската економија“.
„Доколку Русија ја нападне Украина, ќе бидат воведени најстрогите економски санкции досега“, рече Бајден.
Тој исто така нагласи дека „повеќе нема да има гасовод „Северен тек 2“ кон Европа, доколку Русија ја нападне Украина со тенкови и војници“.
Посетата на Шолц на Вашингтон е прва по преземањето на функцијата во декември, а германските и американските лидери разговараа за билатералните односи, соработката меѓу двете земји и потенцијалните санкции против Русија поради тензиите во близина на границата со Украина.
Бајден ја пофали Германија за нејзината улога „во деескалација на тензиите и поттикнување дијалог преку Нормандискиот формат“.
Претседателот на САД изјави дека САД и НАТО се подготвени да одговорат доколку претседателот на Русија ја нападне Украина.