Hakan Çopur
26 Јули 2017•Ажурирај: 27 Јули 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Соединетите Американски Држави (САД) ја поздравија одлуката на израелските власти за отстранување на детекторите за метал и камерите за надзор во џамијата Ал Акса во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие потсетија дека на 14. јули се убиени двајца израелски полицајци и оти Израел, и покрај потребата за засилување на безбедносните мерки, одлучи да ги отстрани детекторите за метал и камерите поставени на влезовите на Ал Акса по тој настан.
Белата куќа ги цени напорите што ги покажа Израел со цел да се одржи безбедноста на тоа подрачје.
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, порача оти со задоволство ја примиле веста дека Израел одлучил да ги отстрани детекторите за метал во Ал Акса.
Кризата во Ерусалим ескалираше во претходните недели, кога израелските полицајци убија тројца Палестинци пред и во комплексот на џамијата Ал Акса, што предизвика општ метеж во којшто беа повредени повеќе лица, меѓу кои и двајца израелски полицајци кои починаа на пат кон болницата.
По овој настан, израелската полиција издаде наредба да се затвори комплексот Ал Акса.
Локалното муслиманско население од петокот до понеделникот не можеше да влезе во комплексот Ал Акса, а израелските сили во неделата, на влезовите во комплексот поставија дополнителни контролни пунктови со детектори за метал. Локалните Палестинци протестираа против ова и одбиваа да влезат во комплексот, а молитвите ги извршуваа пред објектот.
По критиките и притисокот од меѓународната заедница, израелските власти доцна во понеделникот одлучија да ги отстранат детекторите за метал на влезовите од џамијата Ал-Акса.
Во соопштението на израелскиот Совет за безбедност се истакнува дека детекторите за метал ќе бидат заменети со напредна технологија, односно со други мерки за претпазливост.