Esat Fırat
07 Мај 2021•Ажурирај: 08 Мај 2021
КУДС (ЕРУСАЛИМ)
И покрај бројните потешкотии и опструкции од страна на Израел, илјадници Палестинци денеска се упатија кон Џамијата „Ал Акса“ во окупираниот источен Кудс (Ерусалим), со цел да го извршат последниот џума намаз во овогодишниот месец Рамазан, известува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници Палестинци што живеат на окупираниот Западен Брег од раните утрински часови минуваа бројни воени контролни пунктови меѓу Западниот Брег и Кудс, за да можат во „Ал Акса“ да ја извршат редовната заедничка молитва на муслиманите во петок (џума намаз).
Израелските власти претходно донесоа одлука дека од Западниот Брег во Кудс ќе можат да влезат само 10.000 Палестинци коишто се вакцинирани против коронавирусот. Израелските војници, во согласност со упатствата, на контролните пунктови вршеа проверка на идентитетот и потврда за вакцинација.
Израелската полиција, која ги блокираше патиштата во близина на Стариот Град во Источен Кудс, не дозволи да мине ниту едно возило, освен на автобуси.
По долго патување и многу тешкотии, Палестинците денеска го исполнија просторот во комплексот на Џамијата „Ал Акса“, а според податоците на Управата на вакафите на Кудс (Ерусалим), последниот џума намаз за време на овогодишниот Рамазан го клањале речиси 70.000 Палестинци.
- За муслиманите „Ал Акса“ претставува трето најважно светилиште
Комплексот „Ал Акса“, кој се простира на 15 % од површината на старото јадро на Кудс, се наоѓа под израелска окупација, и претставува точка на соединување на трите најголеми религии во светот.
По „Месџид-л Харем“ во Мека и Џамијата на Пратеникот [Мухамед] во Медина, „Ал Акса“ е третото најважно свето место за муслиманите.