Ekip
17 Март 2023•Ажурирај: 19 Март 2023
БРИСЕЛ (АА) - Меѓународната заедница мора да ги интензивира напорите за постигнување решение за конфликтот во Сирија, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, пренесува Анадолија.
Во изјавата по повод 12-годишнината од протестите што доведоа до граѓанска војна во Сирија, Борел ја повика меѓународната заедница „да ги удвои напорите за постигнување трајно и сеопфатно политичко решение за Сирија“.
Тој нагласи дека ЕУ продолжува да ја поддржува работата на специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир О. Педерсен.
Борел истакна дека обезбедувањето поддршка на сирискиот народ е приоритет за ЕУ, која е најголемиот обезбедувач на меѓународна помош за земјата разурната од војна.
Сепак, Борел ја отфрли можноста за нормализирање на односите со режимот на Башар ал Асад, кој е одговорен за, како што рече, „бруталната репресија“ врз сопствениот народ.
„Масовните прекршувања на човековите права и тешките прекршувања на меѓународното хуманитарно право продолжуваат да се вршат од сите страни во конфликтот, особено од сирискиот режим и неговите сојузници“, додаде тој.
Војната во Сирија однесе повеќе од 400.000 животи, додека 6,6 милиони Сиријци ја напуштија земјата, а уште 6,8 милиони луѓе живеат како внатрешно раселени лица во земјата.