Sümeyye Dilara Dinçer
27 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
АНКАРА
Бројот на загинати во катастрофата предизвикана од тајфунот Раи, што ги погоди централните и југоисточните делови на Филипините, се зголеми на 388, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Одделот за цивилна одбрана објавено во весникот „Стар“ (The Star) се наведува дека од тајфунот се оштетени приближно 482.000 куќи.
Се наведува дека бројот на лица што ги загубиле животите во поплавите, силното невреме и свлечиштата предизвикани од тајфунот се искачил на 388, а 60 лица сè уште се водат како исчезнати.
Меѓу другото, се соопштува дека повеќе од 300.000 луѓе престојувале во камповите за евакуација во земјата, а повеќе од 200.000 луѓе се засолниле кај своите роднини во други региони.
Гувернерот на Бохол, Артур Јап, им наложи на градоначалниците во административните граници на провинцијата „да ги поддржат напорите за итна помош и да ги задоволат итните потреби на луѓето, како што се храна и вода“.
Претседателот Родриго Дутерте соопшти дека откако ќе завршат истражувањата, на регионот ќе му бидат дадени 40 милиони долари.
Филипините секоја година ги погодуваат просечно по 20 бури и тајфуни.
Во тајфунот Хаијан, познат како „најсмртоносниот тајфун што ја погодил земјата“, во 2013 година загинаа повеќе од 6.000 луѓе и имаше големи разурнувања.