Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
ИДЛИБ
Во нападот на сирискиот режим на Башар ал-Асад и проиранските терористички групи врз цивилните населби во руралните делови на Алепо починаа двајца цивили, а четворица се ранети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили истрелаа ракети врз населените подрачја на местото Кефер Нуран, во внатрешноста на зоната на деескалација во Идлиб, во провинцијата Алепо.
Според податоците на Цивилната заштита, во нападот на Кефер Нуран починаа двајца цивили, жена и едно дете, а четворица цивили се ранети.
Ранетите лица се префрлени во блиските болници.
Идлиб е најголемата енклава под контрола на сириската опозиција што е под опсада на верните сили на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Со посредство со Турција, Русија и Иран, во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите верни на Асадовиот режим го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување зона на деескалација.
Според договорот, опозициските страни го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите верни на Асадовиот режим не ги запреа артилериските и воздушните напади на регионот.
Турција и Русија во март минатата година се договорија за протокол со кој сите страни во Идлиб се повикуваат на прекин на огнот, а турските и руските сили како гаранти на прекинот на огнот заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линијата на одвојување.
Поради нападите на режимските сили, од Идлиб во колективните центри во близина на турската граница во последните четири години избегале околу два милиони Сиријци.
Сирија се наоѓа во граѓанска војна од почетокот на 2011 година.
Во изминатата деценија убиени се околу половина милион луѓе, а повеќе од 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови.