Adham Kako,Levent Tok
07 Август 2018•Ажурирај: 08 Август 2018
АНКАРА (AA) – Од почетокот на војната, од март 2011, па до август 2018 година, во Сирија се изведени 4.360 бомбашки напади на 1.356 училишта, се наведува во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR).
Во војната во Сирија, здравствените установи, училишта и верски објекти се чести цели на воздушните и копнените напади кои припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и нивните сојузници ги изведуваат за да ги заземат подрачјата под контрола на опозицијата.

Во извештајот се наведува дека во потполност се уништени повеќе од половина училишта од нападите кои ги изведоа припадници на режимот, Русија, коалицијата насочена против ДЕАШ, членови на терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, антирежимски вооружени групи, опозицијата и неидентификувани страни.
Нападите се интензивирани откако во воената интервенција во Сирија во септември 2015 година се вклучи и Русија. Оттогаш, режимските сили бомбардираа 996, а руските, 169 училишта.
Припадници на ЈПГ/ПКК бомбардираа 3, а терористите на ДЕАШ, 23 училишта.
Во бомбардирањата на коалицијата насочена против ДЕАШ предводена од САД, формирана во 2014 година, погодени се 87 училишта. Опозицијата и антирежимската група Хајат Тахрир ал-Шам бомбардираа 36 училишта.
Не е утврдено кој ги извел нападите на 42 училишта.
- Најмногу погодени училишта во Идлиб
Нападите не само што доведоа до уништување на образовните институции, туку доведоа и до тоа, децата многу рано да мораат да почнат да работат и да помогнат во прехранувањето на семејството.
Во Идлиб се уништени 361 училиште, Алепо - 260, Дамаск и неговата периферија - 198, Хомс - 118, Рака - 76, Дера - 103, Хама - 122, Деир ез-Зор - 106, Хасаках - 8, и во Латакија - 4.
Во нападите на училиштата загинаа 528 цивили, меѓу кои се 171 дете.
- Повеќе од 2 милиона деца го прекинаа школувањето
Виргиниjа Гамба, специјалната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), на 27 јули изјави дека можат да потврдат дека од почетокот на војната во Сирија, во судирите загинаа или се ранети повеќе од 7.000 деца, но дека постојат и информации дека станува збор за повеќе од 20.000.
Претходно ОН соопштија дека во училиштата, 2,1 милион деца немаат можност за школување.