Bojana Stojanovic
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
Конкретните работи на Автопатот Белград - Сараево, делот Кузмин - Сремска Рача, почнува во втората половина на јуни, се договорија денес српскиот претседател Александар Вучиќ и претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додиќ во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција во Белград, а по состанокот на Вучиќ и Додиќ, претседателот на Србија наведе дека и понатаму чека формирање на совет на министри на БиХ, но дека тие двајцата разговарале за конкретни проекти.
„Конкретните работи на Автопатот Белград - Сараево, делот Кузмин - Сремска Рача, ќе започне во втората половина на јуни, некаде околу Видовден“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија.
Тој додаде и дека Србија на Република Српска ѝ обезбедила околу 32 милиона евра неповратни средства.
Претседателот на Србија наведе дека со Додиќ разговарал за сите важни политички прашања во регионот, при што се согласиле дека стабилноста во регионот е од пресудно значење за економскиот развој.
Коментирајќи ги протестите во текот на минатиот викенд, како и апсењето на поединци, Вучиќ изјави дека тие млади луѓе се злоупотребувани, дека ги искористил фашист и двајца тајкуни, мислејќи на лидерите на опозицијата, Бошко Обрадовиќ, Драган Џилас и Вук Јеремиќ.
„Не знам каква ќе биде одлуката на прекршочниот или Апелациониот суд, би било добро да видат како се злоупотребувани од страна на фашист и тајкуни“, зборувајќи за лидерите на опозицијата, наведе Вучиќ.
Тој додаде и дека нема овластување да аболира некого во прекршочна постапка, туку само осомничените и сторителите на кривичните дела.
Според неговите зборови, државата на никого нема да му забранува да „шета“.
Претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додиќ, исто така ги коментираше протестите во Белград, оценувајќи дека она што го гледале, секако не е добра слика, и дека протестите се насочени кон дестабилизација на Србија.
„Луѓето во Република Српска реагираа, бидејќи работата на политичките разјаснувања и разрешувања треба да се решава во рамките на политичките тела“, изјави Додиќ.
Додиќ му се заблагодари на Вучиќ за помошта која Србија ја упатила на РС, истакнувајќи дека Србија ќе биде присутна во секоја општина на РС.
„Разговаравме и за прашања поврзани со БиХ и Србија, проблемот на границата останува нерешен, бидејќи бошњачката страна има некои свои пристапувања, но прашањето кое е предложено во претходната варијанта за мене е прифатливо“, изјави Додиќ.
Тој наведе дека РС и Србија покажуваат соработка која треба да го стабилизира целиот регион, додавајќи дека отворените прашања кои постојат се решаваат и дека посветеноста кон развојот што го прави Србија, секако може да биде пример за РС, но и за цела БиХ.