Nour Mahd Ali Abu Aisha,Safiye Karabacak
09 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
ГАЗА (АА) - Поради неодамнешната одлука на Соединетите Американски Држави (САД) за признавање на Ерусалим како главен град на Израел и спречување на протокот на помош во Палестина, во петокот во појасот Газа се одржаа протести на незадоволните граѓани, на кој се ранети 14 Палестинци, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на интервенцијата на израелски војници, еден Палестинец е потешко повреден. Војниците освен солзавец, користеле пластични, но и вистински куршуми. Палестинците на тоа возвратиле со камења.
Портпаролот на Министерството за здравство, Ешреф ел-Кудра, изјави дека за време на протестот во Џибалија на север од појасот Газа, повредени се 14 Палестинци, од кои еден Палестинец е потешко повреден.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп на 6 декември официјално го призна Ерусалим за главен град на Израел, на различни подрачја на Западниот Брег и во Газа се одржуваат протести.
По ова прогласување, во средината на јануари, портпаролката на американското Министерство за надворешни работи, Хедер Науерт изјави дека уште еднаш ќе разгледа дел од помошта на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA). Станува збор за околу 65 милиони долари од вкупна сума од 125 милиони евра.
Палестинскиот Центар за статистика располага со податоци дека има 5,9 милиони регистрирани палестински бегалци. Од таа бројка, 2.1 милиони се во Јордан, 1.4 милиони во Газа, а остатокот на Западниот Брег, Сирија и Либан.
Израел го окупираше Источен Ерусалим на 5 јуни 1967 година. Таа земја во 1980 година Ерусалим еднострано го прогласи за главен град, а Обединетите нации (ООН) оваа одлука ја прогласија за неважечка.