Safiye Karabacak
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
КУДС
Египет, наводно, ги поканил претставниците на Израел, Хамас и палестинските власти во Каиро да разговараат за прашањата како подобрување на условите во Појасот Газа и зајакнување на постојниот прекин на огнот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според јавувањата на израелскиот јавен информативен сервис КАН, разговорите ќе се фокусираат на прашања како што се постигнување долгорочен договор за прекин на огнот во регионот, обнова на Газа и враќање на заробениците.
Не се дадени информации за датумот на започнување на преговорите, но според весникот „Једиот Ахаронот“ (Yediot Aharonot), египетска делегација неодамна одржала состаноци во Израел, Рамала и Газа за да разговара за предлогот.
„Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера пристигна во Каиро, третата станица од неговата турнеја низ Блискиот Исток, со цел зацврстување на договорот за прекин на огнот меѓу палестинските фракции од Газа и Израел“, јавија египетските медиуми.
„Блинкен и египетскиот претседател Абдел-Фатах ал Сиси се согласиле да ја зајакнат координацијата за примирјето и обновата на Појасот Газа“, се наведува во соопштението на египетското Претседателство.
Прекинот на огнот постигнат со посредство на Египет помеѓу палестинските групи на отпорот и Израел стапи на сила минатиот петок, со што се стави крај на 11-дневните израелски напади врз Појасот Газа.
Според палестинските здравствени власти, во нападите животот го изгубиле најмалку 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени, а над 1.900 се повредени. Исто така, најмалку 31 Палестинец го загубија животот во израелските напади на окупираниот Западен Брег.
Од друга страна, од палестинските ракети истрелани од Појасот Газа загинаа 13 Израелци.