Ekipa
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
ТУНИС (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека кризата во Либија сериозно ги загрижува и соседните земји, вклучувајќи го и Тунис, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган при денешната посета на Тунис, во Претседателската палата имаше средба со својот туниски колега Каис Саид, а по тет-а-тет средбата, се премина на средбата меѓу делегациите. На состанокот, од турската делегација присуствуваа министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана, Хулуси Акар, шефот на Разузнавачката служба на Турција, Хакан Фидан, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
По разговорите, претседателот Ердоган и тунискиот претседател Каис Саид одржаа заедничка прес-конференција.
Ердоган, осврнувајќи се на случувањата во Либија, истакна дека негативниот развој на настаните во Либија не ја зафатиле само Либија, туку и соседните земји како што е Тунис.
„Веруваме дека Тунис ќе придонесе кон напорите за унапредување на стабилноста во Либија“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател исто така истакна дека на состанокот со неговиот туниски разговарале за можните чекори и за соработката за постигнување прекин на огнот и враќање на политичкиот процес во Либија.
Во однос на испраќањето војници во Либија, Ердоган рече дека Турција досега не била на гости непоканета и дека доколку има покана, секако дека тоа ќе се разгледа.
Коментирајќи ги неодамна потпишаните договори меѓу Турција и Либија, Ердоган рече дека тие документи се ратификувани во турскиот Парламент и дека во тек е понатамошна процедура. „Нема збор за тоа дека во тој предмет постои основ за нешто да се праша Грција“, рече Ердоган.
Турскиот претседател понатаму истакна дека официјална Анкара соработува со меѓународно признатата либиска Влада на национално единство, предводена од Фајез ал-Сараџ.
„Заеднички преземаме чекори со Сараџ, кој има меѓународно признание. Калифа Хафтар нема такво својство имот. Да не дозволиме таквите да ги газат на нашите браќа во Либија“, порача Ердоган.
Тој го коментираше и присуството на странски платеници кои се борат во редовите на сепаратистичките сили на командантот Хафтар.
Го постави и прашањето во кое својство, со каква задача и со која поврзаност во Либија влегле 5.000 такви лица од Судан, 2.000 од групата „Вагнер“ од Русија.
Турција кон крајот на ноември потпиша два договора за воена соработка и за поморско разграничување во Средоземното Море со меѓународно признатата либиска Влада за национално единство.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш трае борба за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.
Водачот на сепаратистичките сили на истокот на Либија, Калифа Хафтар, во април започна напад за заземање на Триполи, кој беше одбиен од силите на Владата на национално единство со операцијата „Боркан ал-Гадаб“. Според подаотците на Обединетите нации (ОН), во судирите во Триполи загинаа најмалку илјада лица, а 5.000 се повредени.
Таборот на Хафтар го поддржуваат од одредени земји, како што се Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека Владата на национално единство во Триполи ужива признание од Обединетите нации (ОН) и меѓународната заедница.
- Претседателот на Тунис, Каис Саид -
Тунискиот претседател Каис Саид на прес-конференцијата истакна дека на средбата со претседателот Ердоган разговарале за сите аспекти на прашањето за Либија.
„Договорот потпишан меѓу Турција и Либија ги поставува границата меѓу двете земји. Тоа е прашање меѓу двете земји. Тоа не го вклучува Тунис. Можно е некои земји да имаат резерви во однос на ова прашање. Но, како што истакнав, тоа е прашање меѓу Турција и Либија, а не наше“, нагласи Саид.
Саид исто така истакна дека на средбата со Ердоган разговарале и за проектот за болница која Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) планира да ја изгради во Тунис.