Rabia İclal Turan
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја обвини Москва за воени злосторства во Украина, нарекувајќи ги делата на руската војска „акти на чист терор“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Руските напади против цивилната инфраструктура, особено електричната мрежа, се воени злосторства“, изјави Лајен за време на обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
„Целни напади врз цивилна инфраструктура, со јасна цел да се лишат мажите, жените, децата од вода, струја и греење, со доаѓањето на зимата се чинови на чист терор. И ние мора да го наречеме тоа така“, додаде Фон дер Лајен.
Нагласувајќи дека Европската комисија предложила силен правен пакет за справување со енергетската криза, таа рече дека најдобриот одговор на уценувањето со гасот од страна на рускиот претседател Владимир Путин ќе биде европската солидарност и европското единство.
Според Лајен, пакетот вклучува здружување на ресурсите за заеднички набавки на гас на ниво на ЕУ, како и зачувување на енергијата, споделување гас низ цела ЕУ и механизми за цените за справување со скоковите.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера објави дека 30 отсто од електраните во Украина се уништени од 10 октомври, предизвикувајќи прекини на струјата низ целата земја.