Elena Teslova
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - До 60.000 жители на украинската област Херсон, која моментално е под руска контрола, ќе бидат евакуирани во рок од една недела поради гранатирањата од страна на Киев, соопштија локалните власти назначени од Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Регионалните власти ќе направат сè за да заштитат што е можно повеќе цивили од ситуацијата на линијата на фронтот и украинското гранатирање“, рече Владимир Салдо, кој беше назначен за одговорен на јужниот крајбрежен регион од страна на рускиот претседател Владимир Путин, во интервју за рускиот ТВ канал „Росија 24“.
Салдо рече дека од вторникот, процесот на евакуација, кој започна минатата недела, е забрзан поради заканата од можни поплави доколку украинската војска ја гаѓа хидроцентралата „Каховска“.
Салдо истакна дека разузнавачките информации укажуваат дека украинската војска собира бројни сили во соседните Миколаев и Кривји Рих.
На 24 февруари Русија започна, како што ја нарече, „специјална воена операција“ во Украина. Во последниве недели, украинските сили напредуваа во контраофанзивата, додека Москва свика повеќе резервисти и си припои четири украински региони по одржаните референдуми кои Западот ги осуди како „лажни“.