Bojana Stojanovic
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
БЕЛГРАД (АА) - За напредокот на Србија на патот за пристапување кон ЕУ, многу е важен дијалогот на Белград и Приштина и успехот на тој дијалог се мери со пронаоѓањето на одржливо решение за сѐ, се согласија денес високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на Советот за стабилизација и придружување на ЕУ и Србија, одржан во Брисел, Могерини ја пофали новата фаза на дијалогот, односно директното учество на двајцата претседатели, промената на форматот, агендата и брзината на состанокот.
„Она што за мене во овој момент е важно, е да се заштити фазата. Сведоци сте на многу чести состаноци, го променивме форматот и брзината и агендата на она за што дискутираме. Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и неговиот успех не се мери со брзина, туку со напредок во нормализацијата на односите на двете страни, кој се мери со пронаоѓањето на одржливо решение за сѐ“, наведе таа.
Могерини изјави и дека не сака ништо да каже за тоа кога би бил потпишан правно обврзувачкиот договор Белград – Приштина за нормализација на односите, но истакна дека за дијалогот е клучно да се воспостави Заедницата на српски општини (ЗСО) и да се спроведат постигнатите договори, а особено договорот за енергетика.
На тоа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека Белград станува целосно посветен на дијалогот и ја пофали храбрата одлука на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да започне внатрешен дијалог.
„Уште една храбра одлука на Вучиќ да започне внатрешен дијалог, да знаеме дека сите ние заедно сакаме да одиме на дијалог со Приштина и дека сите заедно велиме дека тоа не е политичко решение, туку национално прашање, и сите заедно да најдеме компромис за еден заеднички став на Србија по ова прашање“, изјави Брнабиќ.
Таа додаде и дека дијалогот ќе продолжи и ги повика сите да земат учество во овој дијалог, но ја повика Приштина сериозно со нив да работи на имплементацијата на Бриселскиот договор.
Могерини и Брнабиќ се согласија и дека ЕУ и Србија се блиски пријатели и парнери, и истакнаа дека ЕУ и нејзините земји-членки се најголем трговски партнер на Србија (65 отсто).
Тие, исто така, истакнаа и дека Србија многу напредуваше на патот кон ЕУ, која е прва стратешка цел на Владата на Србија.
„Србија ќе продолжи да работи на своите реформи, пред сѐ, на економските реформи, бидејќи тие во овој момент даваат сериозни резултати коишто придонесуваат и за стабилноста на земјата. Нам сега ни останува да се посветиме и на други реформи, како што е владеењето на правото. Реформите пред сѐ, се важни за граѓаните на Србија и за сите бизнисмени од Србија. Сакаме да имаме антикорупциска земја, ефикасно правосудство, бидејќи сакаме да живееме во тоа општество, а тогаш ќе бидеме и подготвени да бидеме членови на семејството на ЕУ. За нас е важно сите реформи да ги спроведеме комплетно и вистински“, изјави Брнабиќ.
Според нејзините зборови, за патот кон ЕУ е важен и регионот, односно регионалната стабилност.
Европскиот комесар Јоханес Хан исто така ја пофали и храбрата одлука на Вучиќ да започне внатрешен дијалог и истакна дека е сигурен оти Србија, како и другите во регионот, не само што ќе стане земја-членка, туку можеби ќе го стори тоа и порано отколку што некои очекуваат.