Mahmut Atanur
12 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ЏАКАРТА (АА) - Црната кутија од патничкиот авион, што се сруши кратко по полетувањето во Индонезија, е извлечена од морето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјалните претставници на Агенцијата за потрага и спасување потврдија дека црната кутија е извадена од остатоците на авионот во морето и дека ќе биде префрлена во кризниот центар.
Агенцијата, која досега не даде официјално објаснување за причините за падот, наведува дека причината може да се утврди со испитување на црната кутија.
Од морнарицата на Индонезија е објавено дека деловите на патничкиот авион биле паднати на четири подрачја, северно од брегот на главниот град Џакарта.

Министерот Буди Крја Сумади претходно изјави дека контактот со авионот е изгубен пет минути по полетувањето и дека авионот со 50 патници и 12 членови на посадата паднал меѓу Лакија и Ланчанг.
Портпаролката на Министерството за транспорт, Адита Иравати, претходно изјави дека последниот контакт со авионот бил остварен на 9 јануари во 14:40 часот по локално време, по полетувањето од Џакарта кон Понтианак.
Патничкиот авион на индонезиската компанија „Сривиџаја ер“ (Sriwijaya Air) се сруши во саботата во морето за време на летот на линијата од Џакарта кон Понтианак.
Авионот се сруши во морето меѓу островот Лаки и Ланчанг, северно од Џакарта, каде што спасувачките екипи ги пронајдоа остатоците од авионот, посмртните останки и багажот на жртвите.
Во авионот во моментот на несреќата се наоѓале 62 лица, и тоа 12 членови на посадата и 50 патници, меѓу кои и десет деца.