Handan Kazancı
20 Октомври 2020•Ажурирај: 20 Октомври 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел треба да потпишат договор за меѓусебно укинување на визите, јавуваат локални медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелската новинска мрежа КАН објави дека договорот ќе биде финализиран денес нагласувајќи дека ОАЕ ќе бидат прва арапска нација што ќе ги укине визите за израелските државјани.
Договорот ќе биде потпишан за време на церемонија на Меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив, на која ќе присуствуваат израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, министерот за финансии на Соединетите Американски Држави (САД), Стивен Мнучин, и министерот на ОАЕ.
На 15 септември, Бахреин и ОАЕ се согласија да воспостават целосни дипломатски, културни и трговски односи со Израел по потпишувањето на контроверзните договори во Белата куќа.
Договорите наидоа на огромна осуда од Палестинците, кои велат дека договорите ги игнорираат нивните права и не ѝ служат на палестинската кауза.