Ahmet Salih Alacacı
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската софтверска компанија „NSO Group“ ги негираше тврдењата дека нејзин шпионски софтвер бил користен во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинета за пружање помош на саудиските власти во следењето на телефонските пораки на Кашоги, Групата НСО овие обвинувања ги оцени за целосно неосновани и без докази дека била користена нејзината технологија.
Обвиненијата доаѓаат од саудискиот активист и жител на Канада, Омар Абдулазиз, кој тврди дека неговиот телефон бил хакиран од компанијата преку нејзиниот софтвер Пегас, кој им овозможил на саудиските власти да ги следат неговите преписки со Кашоги.
Пегас (Pegasus) ги „заразува“ мобилните телефони преку испраќање текстуални пораки кои ги примамуваат корисниците да кликнат на приложен линк. Откако ќе кликнат на линкот, софтверот се симнува на уредот и го инфицира.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Откако првично велеа дека Кашоги излегол од Конзулатот, саудиските власти неколку недели подоцна признаа дека тој бил убиен во објектот на Конзулатот.
Правниот тим на Абдулазиз завчера поднесе тужба во Израел, тврдејќи дека НСО ги прекршила меѓународните закони со продажбата на својот софтвер на Саудиска Арабија, знаејќи дека може да се користи за кршење на човековите права.
Минатиот мај Абдулазиз рече дека се состанал со двајца саудиски владини претставници во Монтреал, ги снимил нивните разговори и ги споделил со „Си-ен-ен“ (CNN).
Владините претставници му кажале дека биле испратени од саудискиот принц Мухамед бин Селман, кој сакал да му понуди работа.
Абдулазиз се консултирал со Кашоги откако саудиските претставници му кажале да оди во саудиската Амбасада за да пополни одредени формулари, а Кашоги му рекол да не оди и да се среќава со нив само на јавни места.