Faruk Hanedar
05 Март 2025•Ажурирај: 07 Март 2025
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Очекуваното разоружување на терористичката организација ПКК би можело да претставува закана за интересите на Израел во Сирија, јавуваат израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Според израелскиот печат, во регионот би можело да се случат големи промени по минатонеделниот повик на Абдула Оџалан, водачот на терористичката организација, ПКК да го положи оружјето и да се распушти.
Овие промени имаат потенцијал да ги загрозат интересите на Израел, а би можело да ја зајакнат улогата на Туркије во регионот, оценуваат медиумите.
ПКК, која е прогласена за терористичка организација од страна на Туркије, САД и ЕУ, повеќе од 40 години спроведува терористичка кампања во која загинаа над 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и постари лица. Нејзин сириски огранок е ЈПГ.
Израелскиот дневен весник „Хаарец“ наведува дека разоружувањето на ПКК/ЈПГ би можело да ја промени динамиката на моќта во Сирија по Асад и да го доведе во прашање присуството на Израел во земјата.
Весникот додава дека во времето на Асад сирискиот воздушен простор бил отворен за Израел во координација со Русија, но доколку Туркије преземе контрола над него наместо Москва, воздушниот простор би можел да биде затворен за Израел.
Анализите укажуваат дека распуштањето на ПКК би можело „драматично да ја смени“ рамнотежата на моќта во Сирија, да ја зајакне позицијата на Туркије и да го поттикне повлекувањето на американските трупи од регионот што во моментов ја поддржуваат ПКК/ЈПГ.
Иако водачот на ПКК/ЈПГ, Ферхад Абди Шахин, тврди дека повикот на Оџалан се однесува само на ПКК, а не на ЈПГ, израелските медиуми посочуваат дека доколку ја изгуби поддршката од САД, групата ќе мора да се потчини на сириската администрација, која не прифаќа вооружени недржавни групи на својата територија.
Во тој случај, Туркије би можела да се повлече од безбедносните зони што ги воспостави во Северна Сирија, а тоа би го ставило Израел во незгодна меѓународна позиција како „окупаторска сила“ во Јужна Сирија.
Канал 14 јавува дека настаните би можело да имаат големо влијание и во Северен Ирак и Северна Сирија.
Весникот „Једиот Ахронот“, исто така, нагласува дека развојот на настаните ќе ја принуди ПКК/ЈПГ да постигне договор со сириската Влада, што би можело да влијае врз ставот на Туркије.
„Ерусалим пост“ наведува дека односот на ПКК/ЈПГ ќе биде клучен, а Туркије би можела да започне интензивни операции за целосно елиминирање на организацијата доколку не го послуша повикот за разоружување.
На 27 февруари затворениот водач на ПКК, Абдула Оџалан, повика на распуштање на ПКК и сите нејзини подгрупи, ставајќи крај на повеќе од 40 години терористички активности.