Qays Abu Samra,Safiye Karabacak
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
ХЕБРОН (AA) - Израелските војници интервенираа за време на протестниот марш за повторно отворање на улицата Шухеда која беше затворена за сообраќај во градот Хеброн во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинците се собраа пред џамијата Али ел-Бека и шетаа до улицата која е затворена за сообраќај. На маршот присуствуваа и ортодоксни Евреи, членови на „Неутреи Карта“.
Израелските војници интервенираа со гасни бомби и солзавец за да ги растераат Палестинците. Исто така, војниците применија физичка сила кон некои од учесниците во маршот.
Координатор на Младинската унија против израелските населби Иса Амр во изјава за АА повика на повторно отворање на улицата која е затворена од масакрот од 1994 година.
Како што рече, протестната прошетка е организирана и поради повикот на вистинските сопственици да им се вратат куќите кои се наоѓаат во стариот град, а во кои сега живеат еврејски доселеници.
Шухеда, една од најпрометните улици во Хеброн и улица која ги спојува двата делови на градот, затворена е по нападот 1994 година во кој загинаа 30 Палестинци. Нападот во џамијата Ибрахим го изведе еден еврејски доселеник.
Улицата по овој напад премина под контрола на Израел.