Ekipa
16 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, истакна дека Иран е подготвен за директен дијалог со Вашингтон под услов да бидат почитувани резултатите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на катарската официјална новинска агенција QNA, Зариф во своето обраќање на 18. Доха Форум во Катар, истакна дека со Соединетите Американски Држави (САД) претходно биле во дијалог кој резултирал со договор, но според него, новата администрација под водство на Доналд Трамп, напаѓајќи ја администрацијата на Техеран, го откажала овој договор.
Зариф нагласи дека неговата земја е подготвена да реализира директен дијалог со Вашингтон под услов резултатите да бидат почитувани.
Тој нагласи дека секаде постојат несогласувања, и дека во Иран постојат дискусии на различни нивоа. Според него, некои страни тврдат дека Договорот за нуклеарната програма е лош и дека САД треба да ги исполнат своите обврски, а некои страни велат дека Договорот е добар и дека Вашингтон е во загуба со тоа што се повлекол од него.
Шефот на иранската дипломатија истакна дека администрацијата на Вашингтон со повлекувањето од Договорот ја прекршила одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), и тврди дека оваа администрација им се заканува на оние кои не го прекршуваат Договорот.
Со повлекувањето на САД од Договорот, рече Зариф, и тие имале право да се повлечат. „Но ќе останеме во Договорот сѐ додека сметаме дека имаме корист од тоа“, додаде тој.
„Авионите кои го бомбардираат Јемен не му припаѓаат на Иран, туку на Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека Американците обезбедуваат точење гориво во воздух“, нагласи Зариф во врска со прашањето за Јемен, критикувајќи ја одлуката на САД за војната во Јемен.
Зариф се осврна на улогата и практиките на Саудиска Арабија во врска со блокадата кон Катар, како и во однос на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Тој изрази жалење поради тоа што администрацијата на Ријад го смета за свој интерес зголемувањето на тензиите со Иран.