Bayram Altuğ
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Фондот на Обединети нации за помош на децата (УНИЦЕФ) упати повик до меѓународната заедница да вложи итни напори за задоволување на потребите на 720.000 аракански муслимански деца, што се под закана поради насилните настани кои продолжуваат во Мјанмар и поради наближувањето на периодот на циклони во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Во новиот извештај подготвен од страна на УНИЦЕФ се наоѓа и изјавата на директорот на програмата за вонредни состојби, Мануел Фонтејн, во која тој вели: „Имаме 720.000 беспомошни аракански деца кои се наоѓаат во многу лоша ситуација поради насилните настани во Мјанмар и принудното напуштање на нивните домови и поради преполните кампови во Бангладеш и неможноста да се вратат во сопствените домови“.
Фонтејн предупреди дека доколку во изнаоѓањето решение на проблемот не се пристапи тргнувајќи од основата на проблемот, тогаш постоечката криза би можела да трае со години.
Според извештајот, во државата Аракан сѐ уште се случуваат насилни и застрашувачки настани, од кои 185.000 муслимански деца биле приморани да избегаат кај своите роднини и соседи. Во камповите во Бангладеш 534.000 деца се борат за својот живот и се наоѓаат во состојба на бегалци по присилниот миграциски бран до кој дојде по 25 август и претходно.
Во извештајот се истакнува дека поради насилните настани што продолжуваат во Мјанмар и наближувањето на периодот на циклони, во животна опасност се наоѓаат 720.000 аракански муслимански деца. Исто така, се упатува апел до меѓународната заедница да вложи итни напори за задоволување на основните човекови потреби на овие деца.
Периодот на циклони кој во Бангладеш ќе започне на почетокот од март, може да предизвика поплави и свлечишта, што уште повеќе ќе ги влоши условите за живот во камповите. Во извештајот се предупредува дека како резултат на тоа, нечистата вода и лошите хигиенски услови можат да доведат до појава на заразни болести.
Во извештајот на УНИЦЕФ, покрај тоа, се повторува повикот до мјанмарската Влада да му стави крај на насилството врз араканските муслимани. Се истакнува потребата да им се овозможи слободно движење на муслиманите и можност повторно да ги користат здравствените услуги и да продолжат со активностите во образованието и земјоделството.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Според последните податоци на ОН, од 25 август минатата година досега поради насилствата во Мјанмар, 688.000 Араканци се засолнија во Бангладеш. Од околу 2 милиони муслимани, колку што се претпоставува дека живееле во Аракан во 70-тите години од минатиот век, по бегствата од систематските напади оваа бројка денеска е драстично намалена и изнесува 350.000.
Според сателитските снимки што ги објавија меѓународните хуманитарни организации, во подрачјето се запалени повеќе од 350 муслимански села.