Riyaz Khaliq Khaliq
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ
Кина соопшти дека членовите на Шангајската организација за соработка (ШСО) се „подготвени да одиграат позитивна улога во стабилизирањето на ситуацијата“ во Казахстан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заштитата на земјите членки и регионалната стабилност отсекогаш биле принципот и мисијата на Шангајската организација за соработка“, изјави за новинарите Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, осврнувајќи се на турбулентната ситуација во Казахстан, една од деветте членки на Шангајската организација за соработка.
„Кина и другите членки на Шангајската организација за соработка внимателно ја следат ситуацијата во Казахстан и се подготвени да одиграат позитивна улога во стабилизирањето на ситуацијата“, објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“, цитирајќи ја неговата изјава.
Изјавата од Пекинг дојде кога претседателот на Казахстан, Касим-Јомарт Токаев, изјави дека Владата успеала да го врати редот во земјата.
„Кина забележа дека Казахстан презема низа мерки за да се спротивстави на тероризмот и да ја брани стабилноста. Кина ги поддржува сите напори за смирување на ситуацијата и цврсто се спротивставува на надворешните сили кои поттикнуваат насилство и хаос во регионот“, рече Ванг.
„Како нејзин сосед и постојан сеопфатен стратешки партнер, Кина е подготвена да му ја понуди сета потребна поддршка на Казахстан за да му помогне да ги надмине неодамнешните тешкотии“, додаде Ванг.
Казахстан е погоден од повеќедневни протести со смртни случаи предизвикани од покачувањето на цената на горивото.
Демонстрациите кои започнаа во регионот Мангистау, богат со нафта, на 2 јануари брзо се проширија во другите делови на земјата, вклучувајќи го трговскиот центар и поранешниот главен град Алмати, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Токаев, првично, пред да ја прошири на национално ниво, прогласи вонредна состојба во Алмати и Мангистау за периодот од 5 до 19 јануари.
Неговиот кабинет, исто така поднесе оставка претходно оваа недела, додека Владата воведе контрола на цените на течниот нафтен гас, бензинот, дизелот и основните прехранбени производи за 180 дена.
Според податоците од Владата, за време на протестите досега се убиени 26 демонстранти и 18 лица на безбедносниот персонал, додека, пак, најмалку 18 лица се повредени и над 3.000 приведени.
Во денешната изјава Токаев ги обвини, како што рече тој, „терористите“ обучени од странство за насилство и рече дека на безбедносните сили им е наредено „да пукаат без предупредување да ги убијат терористите“.
За распоредувањето на мировните трупи од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO), тој нагласи дека силите ќе бидат во Казахстан „ограничено време за да ја исполнат функцијата за заштита и чување на стратешките места“.
ЦСТО е воен сојуз на шесте поранешни советски републики и Русија.