Riyaz Khaliq Khaliq
17 Ноември 2025•Ажурирај: 18 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Кинескиот министер за надворешни работи Ван Ји денес во Пекинг го угости сирискиот колега Асад ал-Шејбани, со кого разговараше за заедничките интереси на двете земји, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
Ова е прва официјална посета на Ал-Шејбани на Кина откако претседателот Ахмед ал-Шара во јануари формираше Влада, по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во декември минатата година.
„Пријателските односи меѓу Кина и Сирија имаат долга историја, поврзани се уште од древниот Пат на свилата“, рече Ван Ји на средбата.
Тој нагласи дека Кина „води пријателска политика кон сите сириски граѓани и ги почитува изборите што сирискиот народ ги прави самостојно“.
Следната година двете држави ќе одбележат 70 години од воспоставувањето дипломатски односи.
Ван и Ал-Шејбани издадоа и заедничко соопштение.
Портпаролката на кинеското МНР, Мao Нинг, информираше дека Ван му порачал на сирискиот министер дека двете земји имаат „обемни заеднички интереси.“
Кина, според Ван, ќе продолжи да го почитува принципот на неинтервенција во внатрешните работи и ќе работи на „враќање на билатералните односи на вистинскиот пат.“
Сирија треба да спречи какви било групи или ентитети да ја користат нејзината територија за активности што би ја загрозиле кинеската национална безбедност, суверенитет и интереси, изјави кинескиот министер за надворешни работи, според Мао.
Министрите разговарале и за постепено обновување на контактите на сите нивоа и во сите области, со посебен акцент на економијата.
„Кина е подготвена активно да размисли за учество во економската реконструкција на Сирија и да придонесе за нејзиниот општествен развој и подобрување на животниот стандард“, се наведува во соопштението на кинеското МНР.