Zülfiya Yakup
06 Октомври 2019•Ажурирај: 06 Октомври 2019
ПРИШТИНА (AA) –Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) излезноста на граѓаните на предвремените парламентарни избори во Косово изнесува 44,18 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на ЦИК, Валдета Дака на конференцијата за новинарите изјави дека сите избирачки места се затворени на време и дека на гласањето излегле 812.049 гласачи или 44.18 отсто од вкупниот број запишани гласачи. На минатите предвремени парламентарни избори во 2017 година излезноста беше 41,45 отсто.
„Ги охрабрувам членовите на одборите на гласачките места во текот на процесот на броењето на гласачките ливчиња да ги применуваат сите процедури на броење со цел да се испочитува на волјата на граѓаните", рече Дака.
Најголема излезност е забележана во општините Зубин Поток 57,34 отсто и Приштина 55,50, додека најмала излезност е забележана во Драгаш 32,75 отсто.
Државното обвинителство на Косово соопшти дека во текот на изборниот процес обвинителите на теренот воочија 16 случаи на кршење на изборните правила и во врска со тоа се приведени 20 лица.
Станува збор за злоупотреба на правото на гласање, попречување на изборниот процес, загрозување на тајноста на гласањето, уништување на гласачките документи, спречување на извршување на гласањето.
На овие избори според одлуката на ЦИК се гласаше само со важечки косовски документи, додека претходно беше можно да се гласа и со српски документи.
На изборите се натпреваруваат 25 политички субјекти, од кои 4 се коалиции, 20 политички партии и еден независен кандидат.
На изборите се оди поради оставката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, кој поднесе неотповиклива оставка, откако доби покана за разговор како осомничен од страна на Специјалниот суд за Косово.
Овие парламентарни избори се седми по ред по војната во Косово во 1999 година.