Ekip
22 Декември 2022•Ажурирај: 26 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) - Божиќниот говор на локален политичар од германската конзервативна партија ЦДУ доведе до бес и неверување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Удо Витшас, окружниот администратор од Бауцен во германската покраина Саксонија, во говорот рече дека не сака да страдаат училишните или рекреативни спортови за оваа политика на азил, осврнувајќи се на тоа што мигрантите и барателите на азил често се сместуваат во гимназиите.
Во својата божиќна порака, која Витшас ја објави како видео на Фејсбук во вторникот, додаде: „Бауцен не сака луѓето кои доаѓаат кај нас, кои не ја познаваат нашата култура, кои не ги знаат нашите прописи, да ги сместиме во апартмани и самостојни станови и за ова да прифатиме загрозување на нашиот општествен мир.“
Неговите коментари предизвикаа различни реакции во ЦДУ, најсилната опозициска партија во Германија, сега со околу 28 отсто во анкетите низ целата земја. Премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер од ЦДУ застана во одбрана на Витшас.
Тој рече дека забелешките на Витшас биле извадени од контекст, создавајќи лажен впечаток. „Луѓето кои сега доаѓаат кај нас ќе бидат пристојно сместени и згрижени според најдобрите стандарди овде. Тоа воопшто не се доведува во прашање“, рече Кречмер во средата.
Но, постојат исто така критики за Витшас од неговата партија. Марио Чаја, генералниот секретар на ЦДУ, истакна дека федералната ЦДУ се оградува од изборот на зборови на Витшас.
Велејќи дека зборувал во име на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, тој додаде: „Луѓето кои бараат заштита во нашата земја, ја заслужуваат нашата помош, нашата грижа и се третираат со почит и пристојност. Ние сме демократи и христијани и стоиме на нашата одговорност.“
Витшас го бранеше својот говор. На Фејсбук тој рече дека говорот бил скратен, додавајќи дека сакал само да одговори на загриженоста на спортските клубови и станарите.