Rania R.a. Abushamala
07 Септември 2025•Ажурирај: 08 Септември 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелците во знак на протест маршираа кон куќата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим во саботата навечер, барајќи договор за размена на заробеници со Хамас, а илјадници се собраа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив, известува Анадолу.
Демонстрациите следеа неколку часа откако семејствата на Израелците заложници во Појасот Газа испратија порака до началникот на Генералштабот на ИДФ, Ејал Замир, предупредувајќи дека планот за окупирање на Газа „нема да ги врати заложниците, туку ќе ги убие“.
Телевизијата ‘Канал 12’ објави дека демонстрантите марширале кон резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим откако семејствата на заложниците што ги држи Хамас се собрале на еден од градските мостови.
Семејствата на заробените Израелци и демонстрантите се собрале на мостот ‘Chords’, а потоа започнале долг марш кон домот на Нетанјаху, барајќи договор за размена на заробеници.
„Нетанјаху мора да го заврши овој кошмар и да ги врати сите заложници дома“, рече Вики Коен, мајката на заробениот Нимрод Коен.
Демонстрантите носеле транспаренти со барање на договор, вклучувајќи и еден на кој пишувало „Доста“, истакнувајќи ги барањата за крај на војната во Газа и враќање на заложниците.
Весникот „Једиот Ахронот“, во меѓувреме, објави дека илјадници се собрале на Плоштадот на заложниците во Тел Авив.
Во исто време, околу 1.000 Израелци протестирале и на раскрсницата Каркур во Хаифа, барајќи размена на заробениците. Полицијата привела повеќемина демонстранти.
Околу 250 заложници беа однесени во Газа по прекуграничниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Тел Авив проценува дека речиси 50 израелски заложници остануваат во Газа, меѓу кои 20 се живи.
Израелската геноцидна војна во Газа влезе во својот 700-ти ден во петок, во која што Израел уби најмалку 64.300 Палестинци. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење минатиот ноември за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид во Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.