Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази поддршка од Блокот за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина (БиХ), искажувајќи „сериозна загриженост“ за жестоката реторика во Република Српска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обединетите структури на БиХ се важни за стабилноста на државата. Особено вооружените сили, една од најсилните мултиетнички институции во државата“, истакна Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел.
Зборувајќи по заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, Столтенберг ја истакна посветеноста на НАТО во неговиот „силен политички дијалог и практична соработка со БиХ“.
„Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме реформските напори на државата, за доброто на нејзините граѓани“, рече тој, додавајќи дека Алијансата ќе „продолжи да гради стабилност, сигурност и кооперација во Западен Балкан“.
Столтенберг истакна дека за време на средбата со Кривокапиќ станало збор и за „актуелната безбедносна средина“.
„Продолжуваме да гледаме големи и невообичаени концентрации на руските сили близу границите на Украина. НАТО останува буден и ние внимателно ја следиме ситуацијата“, забележа тој.
Шефот на НАТО, исто така, ја повика Русија да „престане со своите провокации, да ги намали тензиите и да биде транспарентна за своите воени активности“.