Esin Eşkinat Sayılgan
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
ЊУЈОРК
Откако 43 години ги помина во затвор, Афроамериканецот Кевин Стрикленд е пуштен на слобода, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стрикленд, кого во 1979 година, во Канзас Сити, поротата сочинета од белци го прогласи за виновен за три убиства и кој потоа е осуден на доживотен затвор, по 43 години е пушен од затвор бидејќи е потврдено дека не постојат докази дека ги извршил убиствата.
Судијата на Врховниот суд на Мисури, Џејмс Велш, во одлуката образложи дека Стрикленд е прогласен за виновен, и покрај недостигот на докази дека го извршил убиството, и покрај тоа што лицето кое сведочело против него, подоцна ја повлекло изјавата која претходно ја дало под притисок од полицијата. Велш рече дека пресудата е неоснована и дека затвореникот мора веднаш да биде пуштен.
Стрикленд од самиот почеток негира дека го извршил убиството, а сведокот кој повеќепати сведочеше во негова корист, не беше присутен во судот бидејќи неодамна починал.
Осуден во периодот кога имал 19 години, 62-годишниот Стрикленд стана еден од најдолго незаконски затворените луѓе во историјата на САД.
Според законите на Мисури, затворениците можат да добијат отштета само во случај ако се ослободени врз основа на ДНК-анализи, но не и по сведочењето на очевидци, од што може да се заклучи дека Стрикленд нема да добие отштета.
За поддршка на Стрикленд собрани се речиси 100.000 долари на веб-страницата „gofundme.com“.