Nuri Aydın
18 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) ‒ Сенатот на Соединетите Американски Држави (САД) едногласно усвои Резолуција со која се осудува воената агресија на Русија врз Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нацрт-документот беше претставен пред Сенатот откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека ги имаат сите индикации дека Русија ќе ја нападне Украина за неколку дена.
Резолуцијата усвоена од Сенатот не го повикува директно американскиот претседател да употреби воена сила против московската администрација во случај на руска инвазија на Украина, но недвосмислено го поддржа спроведувањето на санкциите.
Во усвоениот текст Сенатот ја охрабрува американската администрација да воведе санкции против Русија и да ги исцрпи расположливите средства за враќање на мирот во Европа.
Сенаторот Роб Портман истакна дека Сенатот е обединет во поддршката на независноста и суверенитетот на Украина.
Сенаторите за време на дебатата истакнаа дека администрацијата на Бајден може да воведе санкции кон Русија, дури и без одлука на американскиот Конгрес.
Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, вчера на заедничката прес-конференција на НАТО во Брисел изјави дека руската војска дополнително ги засилила своите подготовки, отфрлајќи ги наводите дека Русија ги повлекува војниците од украинската граница.