Ömer Faruk Yıldız
13 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) информираа дека епидемијата на колера, што ја зафати Сирија од минатиот месец, има опасност постепено да се проширува, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава, Имран Риза, постојан координатор за хуманитарна помош на ОН во Сирија, ја оцени најновата ситуација во епидемијата на колера што се шири во регионите на Алепо, Деир ез-Зор, Рака, Хасека и Хама од крајот на минатиот месец.
Риза нагласи дека од 25 август до 10 септември низ земјата регистрирани се 936 случаи на тешка дијареја предизвикана од микробите на колера, а најмалку 8 лица го загубиле животот.
Истакнувајќи дека 676 од случаите се забележани во Алепо, 201 во Деир ез-Зор, 38 во Хасека и 17 во Рака, Риза рече дека овие случаи најчесто се предизвикани од земјоделските производи кои се наводнувани со загадена вода и поради загадувањето на водните ресурси.
Риза нагласи дека епидемијата на колера се зголемува во одредени региони во земјата, дека претставува закана за сирискиот народ и земјите во регионот и дека има опасност од брзо ширење на епидемијата.
Истакнувајќи дека епидемијата е знак и за недостиг на вода во цела Сирија, Риза додаде дека чистата вода се доставува до сиромашните региони со координација на Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
На 10 септември, откако во Алепо беа потврдени 15 случаи на колера, режимот на Башар ал Асад прогласи епидемија на колера.
Се наведува дека 3 смртни случаи од колера се регистрирани во населбите окупирани од терористичката организација ЈПГ/ПКК, а 2 смртни случаи во регионите под контрола на режимот.
Колерата, која е предизвикана од бактеријата Vibrio што се колонизира во тенкото црево на луѓето, се пренесува најмногу преку вода за пиење и храна измиена со загадена вода.
Оваа бактерија предизвикува симптоми како што се дијареја, абдоминална болка, оток и повраќање. Болеста се манифестира во рок од 6 до 48 часа по влегувањето во телото.