Timo Kirez
15 Март 2024•Ажурирај: 16 Март 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Волкер Турк, предупреди на катастрофа во случај на израелска воена офанзива во Рафа на југот од Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Во интервју за австриската телевизија ОРФ, Тирк уште еднаш повика на „прекин на огнот од хуманитарни причини“.
„Не знам ни кои други зборови да ги употребам. Но, тоа би било незамисливо“, одговори Турк на прашањето за можен израелски напад врз Рафа.
За време на интервјуто, претставникот на ОН истакна дека околу 1,5 милиони луѓе живеат во Рафа во затворен простор.
Како што рече Турк, Појасот Газа е една од најгусто населените области во светот, поради што се сомневал во најавата на Израел за преместување на цивилното население во безбедни зони пред напад.
59-годишниот Австриец објасни дека особено поголемиот дел од северот е веќе уништен. Според Турк, тој не знае „каде луѓето сè уште можат да најдат заштита“.
Тој, исто така, истакна дека Обединетите нации не биле запознаени со некакви израелски планови за евакуација.
„И ми се чини речиси невозможно да се изврши такво нешто. Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е крајно несигурна“, додаде тој.
Турк нагласи дека на северот е речиси невозможно да се добие вистинска хуманитарна помош и дека населението страда во екстремни услови.