Ekipa
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ДАКА (АА) - Најмалку 13 бегалци Рохинџи рано утринава загинаа, откако нивниот брод се преврте во близина на островот Свети Мартин во Бенгалскиот Залив, потврди официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Првично дојдовме до информации дека сите настрадани се членови на заедницата Рохинџи, што живеат во бегалските кампови“, изјави за АА директорот на локалната управа, Камал Хусеин.
Хусеин рече дека настраданите биле донесени до најблискиот брег.
„Нашиот тим е таму, и ние продолжуваме со операцијата за спасување“, додаде тој.
„Крајбрежната стража на Бангладеш и поморските сили заедно спроведуваат спасувачка акција“, наведоа од Крајбрежната стража.
„Ние исто така спасивме 63 лица, претежно Рохинџи“, наведе официјален претставник од Крајбрежната стража, додавајќи дека најмалку 40 лица сè уште се водат како исчезнати.
Во меѓувреме, локалниот приватен телевизиски канал „Џамуна ТВ“ (Jamuna TV), цитирајќи го командантот на Крајбрежната стража, објави дека 20 тела биле извлечени, повеќето од нив Рохинџи.
Повеќе од еден милион Рохинџи во моментот живеат во импровизирани кампови во Кокс Базар, каде што владеат нехумани услови.
Неколкуте обиди минатата година, за мирно враќање на Рохинџите во нивните домови во мјанмарската држава Аракан, пропаднаа, што доведе до фрустрации меѓу прогонуваниот народ во врска со нивната иднина во камповите, што ги поттикна да одберат ризични морски рути за нелегално да преминат во Малезија, Индонезија и другите земји.
Муслиманите Рохинџи, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегале од Мјанмар и преминале во Бангладеш откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година, зголемувајќи го бројот на прогонети во Бангладеш на над 1,2 милиони.
„Од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар“, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA).
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се додава во извештајот на Агенцијата насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
Се наведува дека околу 18.000 жени и девојчиња Рохинџи се силувани од Војската и полицијата на Мјанмар, над 115.000 домови на муслиманите Рохинџи се запалени, а 113.000 вандализирани.