Emre Aytekin
27 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
ПЕКИНГ (АА) - Пронајдена е и втората црна кутија на авионот на „Чајна истерн ерлајнс“ што падна во Кина на 21 март, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Командниот центар за претрага и спасување формиран во градот Вуџоу се наведува дека е пронајдена и втората црна кутија за која се претпоставува дека содржи податоци за летот.
Поројните врнежи на местото на несреќата доведоа до тоа црната кутија да биде покриена со слој земја.
Претрагата на теренот се води во исклучително тешки услови поради лошото време и конфигурацијата на теренот. Екипите ја испумпуваат водата насобрана поради врнежите за да ја продолжат истрагата за паднатиот авион.
Црната кутија за која се претпоставува дека содржи податоци за рутата на авионот, брзината и висината на која летал, може да помогне во расветлувањето на причината за несреќата.
Авионот „Боинг 737-800“ со 123 патници и 9 членови на екипажот, на 21 март летал на релацијата од Кунминг кон Гуангџоу во Кина, кога се урна во планинското подрачје во близина на градот Вуџоу.
Кинеските власти вчера потврдија дека загинале сите што се наоѓале во авионот, а на местото на несреќата со едноминутен молк им се оддаде почит на настраданите.