Handan Kazancı
30 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Властите во Сан Франциско на градската полиција ѝ одобрија употреба на роботи со потенцијално смртоносни способности по жестока дискусија на Одборот, соопштија локалните медиуми и официјални лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сан Франциско хроникл“ објави дека по дискусијата на Надзорниот одбор што резултира со 8 гласа „за“ и 3 „против“, полицијата била овластена да користи роботи за отстранување бомби и извидување.
Рафаел Манделман, eден од членовите на Одборот, потврди дека Одборот донел уредба со која се одобрува политика „која го регулира финансирањето, стекнувањето и употребата на одредена технологија“.
„Ова вклучува седум роботи дизајнирани да неутрализираат/отстрануваат бомби и да обезбедуваат видеоизвидување за операторите“, напиша Манделман на Твитер.
Членовите на Одборот, Хилари Ронен, Дин Престон и Шаман Волтон беа против, а Ронен рече дека е штета што само тројца луѓе „гласале против вооружување роботи“.
Дин Престон, овозможувањето на полициската управа на Сан Франциско да користи роботи за убивање луѓе го оцени како вознемирувачко.
Манделман истакна дека според оваа политика, градската полиција е „овластена да ги користи овие роботи за примена на смртоносна сила во екстремно ограничени ситуации каде што ризикот од загуба на животи на граѓаните или полицајците е неизбежен и ја надминува секоја друга достапна опција на сила“.
Иако ниту еден од роботите не е вооружен и полицијата не планира да го вооружи, Манделман рече дека во некои ситуации, како терористички напади или масовни престрелки, органите на редот може да ги користат роботите со оружје.
Тој додаде дека роботите се користени од полицијата во Сан Франциско од 2010 година и дека досега никогаш не биле оперирани за примена на смртоносна сила.
„Забележан е само еден случај кога робот бил користен за да убие некого во 2016 година, кога полицијата во Далас употребила робот за да убие снајперист кој уби 5 полицајци“, рече тој.
Надзорниот одбор е законодавна гранка на градот и округот Сан Франциско и се состои од 11 члена бидејќи секој член е избран на непартиска основа од областа каде што живее.