Ekipa
03 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
КАРТУМ (АА) - Американската амбасада во Картум, Судан, ја оцени како грешка интервенцијата врз демонстрантите во Судан и истакна дека одговорноста за нападот ја сноси Воениот совет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Амбасадата на социјалната мрежа Твитер се вели: „Интервенцијата на безбедносните сили на Судан врз демонстрантите е грешка, и треба да се стави крај на тоа. Одговорноста за нападот ја сноси Воениот совет.“
Ирфан Сидик, британскиот амбасадор во Картум, на својот твитер-профил напиша дека е длабоко загрижен поради интервенцијата на Војската врз демонстрантите.
„Не треба да има изговор за ваквиот напад, и нападот врз цивилите веднаш треба да престане“, вели амбасадорот.
Пет лица загинаа како резултат на интервенцијата на суданската Армија врз населението, кое неколку недели во главниот град, Картум, одржува „Дежурство за демократија“.
По неколкумесечни антивладини протести, суданската Армија во април го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со таа африканска земја од 1989 година.
Војската го основа Воениот совет кој треба да управува со земјата во транзицискиот период од две години. Опозицијата се противи на владеењето на Воениот совет и бара итно формирање на цивилна власт во таа африканска земја.