Michael Gabriel Hernandez
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација синоќа ги пофали конструктивните односи со Туркије по повод состанокот на министрите за надворешни работи на двете земји во Стејт депарментот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имаме многу конструктивни односи со Туркије. Благодарни сме на улогата што Туркије ја одигра во давањето помош за решавањето на многу итни предизвици на денешнината“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт депарментот, Нед Прајс.
На прашањето за решавањето на кои глобални предизвици Анкара пружила важна помош, Прајс укажа на клучната улога на Туркије во помошта на Украина воопшто и нејзината помош во посредувањето во клучниот договор кој овозможи житото од Украина да ги напушти црноморските пристаништа по првпат откако Русија ја започна војната против Украина.
„Веројатно не е претерано да се каже дека без конструктивната улога на Туркије не би ја имале црноморската иницијатива за жито, секако не иницијатива за жито која функционира во обем и размери како што е сега“, рече Прајс и додаде:
„Ние постојано зборувавме дека сме благодарни на улогата на Туркије во тоа, а исто така, го цениме и фактот дека претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата Влада ја искористија својата донекаде единствена позиција за посветување [кон прашањето за] руската војна против Украина.“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се состана со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу во Вашингтон во рамките на Турско-американскиот стратешки механизам. Механизмот е започнат минатата година во април по состанокот меѓу турскиот претседател Ердоган и американскиот претседател Џо Бајден на маргините на Самитот Г-20 во Рим.