Michael Hernandez
14 Април 2016•Ажурирај: 14 Април 2016
ВАШИНГТОН (АА) - САД тврди дека ќе се исполни ветувањето за прифаќање на 10.000 бегалци од Сирија до крајот на годината, иако пред некое време, со забрзана постапка, се пресели и првото сириско семејство во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Во февруари, во јорданскиот главен град Аман е изграден привремен центар, кој има за цел да се забрза процесот на преселување на бегалците и да се помогне да се исполнат целите поставени од страна на американскиот претседател Барак Обама, односно до 30-ти септември оваа година во САД да се вселат околу 10.000 бегалци од Сирија.
„Јас не гледам никаков знак во овој момент дека нема да успееме да го постигнеме тоа. Она што е вистина е дека лицата кои влегуваат во САД како бегалци се изложени на повеќе ригорозни контроли од било кој друг што сака да влезе на територијата на САД”, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.
Тој додаде дека во секој случај нема да се ублажат процедурите за скенирање со цел да се олесни брзото преселување на бегалците.
Првото семејство од Сирија, кое со забрзана постапка го напушти Јордан, пристигна минатата недела во Канзас Сити, Мисури.
Ахмед Ал-Абуд, татко на пет деца, на прес-конференција изјави дека Американците немаат потреба да се плашат од него и неговото семејство.
„Америка е земја на слободата и демократијата. Се надеваме дека таму добро ќе живееме”, рече тогаш Ал Абуд.