Gamze Türkoğlu Oğuz
15 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Најмалку 60 лица, меѓу кои и голем број деца, се повредени откако патнички авион испушти гориво при принудно слетување на аеродром во Лос Анџелес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми наведуваат дека патничкиот авион на „Делта ерлајнс“ (Delta Airlines) принудно слетал поради дефект на моторот. За да се ослободи од товарот, авионот го испуштил горивото на подрачје на кое се наоѓаат основни училишта. Во моментот на испуштањето на горивото децата биле во училишниот двор.
Околу 60 лица се пријавиле со иритација на кожата и проблеми со дишењето.
Елизабет Алкантар, градоначалничката на Кадахеј, изрази жалење поради овој настан наведувајќи дека се работи за деца од основно училиште.
Од „Делта ерлајнс“ наведоа дека патничкиот авион го испуштил горивото според вообичаената постапка за ослободување од тежината при принудно слетување.
Од Федералниот уред за авијација потврдија дека е започната истрага за овој настан.