Kasım İleri
07 Јануари 2021•Ажурирај: 07 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нареди на Националната гарда да интервенира поради настаните пред Конгресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„По наредба на претседателот Доналд Трамп, Националната гарда и федералните безбедносни сили се на пат кон зградата на Конгресот. Го повторуваме повикот на претседателот Трамп на смиреност и ненасилство“, напиша портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекенани на Твитер.
По митингот пред Белата куќа, неколку илјади демонстранти се упатија кон зградата на Капитол во која е Конгресот, каде поминаа низ барикади и се обидоа да влезат во зградата. По судирите со полицијата, група демонстранти влезе во зградата и дури се проби до спратот на кој е Сенатот.
Прекината е дебатата во Изборниот колеџ, а евакуирани се потпретседателот на државата Мајк Пенс и членовите на Конгресот.
Трамп потоа преку објава на Твитер ги повика своите поддржувачи на смиреност.
На снимките кои кружеа на интернет е видливо дека едно вооружено лице дојде пред влезот и дека полицијата го повлекла оружјето обидувајќи се да ги запре демонстрантите.
По тие снимки пристигна информација дека е ранета една жена. Сепак, не е познат нејзиниот идентитет ни начинот на кој е застрелана.