Ahmed Asmar
07 Јануари 2025•Ажурирај: 08 Јануари 2025
ДАМАСК (АА) - Меѓународните летови на аеродромот во Дамаск се обновени денес, за прв пат по падот на режимот на Басар ал-Асад минатиот месец, пренесува Анадолу.
Авион на „Сирија ерлајнс“ со 145 патници тргна од главниот град кон аеродромот во Шарџа во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објави сириската државна новинска агенција САНА.
„Ги уверуваме арапските и меѓународните авиокомпании дека сме во процес на целосна рехабилитација на аеродромите во Алепо и Дамаск, со помош на нашите партнери, за да се осигураме дека тие се подготвени да примаат летови од целиот свет“, рече Ашхад ал-Салиби, шеф на сириската цивилна авијација.
Во 2012 година, повеќето авиокомпании ги прекинаа своите летови до и од аеродромот во Дамаск по бруталното задушување на протестите на граѓанската демократија од страна на режимот на Асад.
Минатата недела „Катар ервејс“ беше првата меѓународна авиокомпанија која објави дека од 7 јануари ќе ги обнови летовите до главниот град на Сирија.
Башар ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, кој беше на власт од 1963 година.
Преземањето се случи откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам ги освоија клучните градови во молскавична офанзива која траеше помалку од две недели.
Новата администрација сега е предводена од Ахмед ал-Шара.