Hassan Isilow
25 Декември 2024•Ажурирај: 26 Декември 2024
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Стотици затвореници избегаа денес од две поправни установи во главниот град на Мозамбик, Мапуто, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Има бегства од две воспитно-поправни установи и во населбата Мачава. Во однос на бројките, допрва треба да потврдиме, но колку што видов, станува збор за околу 150 избегани“, изјави новинарот Клементе Карлос за Јужноафриканската радиодифузна корпорација (SABC).
Тој рече дека еден од избеганите, сè уште со лисици, е виден на видеоснимка како вели дека биле меѓу демонстрантите што марширале против спорните изборни резултати во јужноафриканската земја.
Карлос истакна дека избеганите најверојатно го искористиле периодот на божиќните празници, кога помалку стражари се на должност во однос на редовните работни денови.
Бегствата од затворите се случија во период на нови протести по соопштението на Уставниот суд во понеделникот, со кое се потврди дека Даниел Чапо од владејачкиот Ослободителен фронт на Мозамбик (Фрелимо) победил на спорните избори на 9 октомври.
Потврдени беа најмалку 21 загинат за време на дводневните насилства во понеделникот и вторникот, меѓу кои и напади на бензински пумпи, полициски станици и банки.
„Вкупно 236 акти на сериозно насилство се пријавени низ целата земја, во кои досега има 25 ранети и околу 21 загинат“, изјави министерот за внатрешни работи Паскоал Ронда за новинарите.
Со последните жртви бројот на загинати во земјата достигна 151 од 21 октомври, соопшти групата за набљудување на изборите „Платаформа Дисајд“.
Во Мозамбик се случуваат насилни протести од крајот на октомври, кога изборната власт го прогласи за победник 47-годишниот Даниел Чапо со 71 отсто од гласовите, победувајќи го главниот опозициски лидер Венансио Мондлејн, кој доби 20 отсто.
Адријано Нувунга, директор на Центарот за демократија и човекови права во Мозамбик, денес на платформата X напиша: „Над 2.500 затвореници избегаа од затворите со висока безбедност, вклучително и централниот затвор Мапуто. Овој шокантен инцидент отвора итни прашања за состојбата на безбедноста и правосудниот систем во Мозамбик.“
Понатаму Нувунга додаде: „Сега, повеќе од кога било, од клучно значење е властите, граѓанското општество и меѓународните партнери да соработуваат, со цел да се осигури јавната безбедност и да се решат системските предизвици што доведоа до оваа ситуација.“
Владата на Мозамбик допрва треба да издаде соопштение во врска со наводните бегства од затворите.