Ekipa
03 Декември 2017•Ажурирај: 03 Декември 2017
САНА (АА) - Најмалку 36 лица загинаа во судири кои во главниот град на Јемен, Сана, се водат меѓу двете бунтовнички групи, јавува Anadolu Agency (AA).
Локални извори објавија дека судирите започнаа пред два дена меѓу милитантите на шиитското бунтовничко движење на Хусите и милитантите лојални на поранешниот претседател на земјата, Али Абдула Салех.
Наместо мир, во Јемен започнаа нови судири кои бунтовниците меѓусебно ги водат во борбата за превласт.
Извори од болницата во Сана известија дека во судирите се повредени најмалку 225 лица и дека меѓу жртвите има голем број цивили.
Поранешниот претседател Салех вчера изјави дека е подготвен за преговори со меѓународната коалиција, која е против бунтовниците во Јемен, предводена од Саудиска Арабија.
Јемен е место на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и Конгресот предводен од претседателот Салех, го зазедоа големиот јеменски град Сана, а потоа и другите региони.
Претседателот на Јемен, Абд Рабуб Мансур Хади, и неговата Влада избегаа во Саудиска Арабија. Јужниот град Аден во моментов е административен центар на меѓународно признаената јеменска влада.
Судирите во Јемен ескалираа уште во март минатата година, кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа со воздушни напади врз бунтовничките позиции.
Двете рунди на мировни преговори предводени од ОН не резултираа со решение за конфликтот, во кој според извештаите на ОН загинале повеќе од 10.000 луѓе.