Gözde Bayar
17 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
АНКАРА (АА) - Турско воено возило беше цел на напад денес, кога турските и руските сили ја спроведуваа 25. заедничка патрола во северозападна Сирија, се соопштува од турското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Едно од нашите возила беше полесно оштетено во нападот извршен од страна на терористите за време на патролата долж клучниот автопат М4 во Идлиб“, соопшти Министерството преку Твитер.
Оттаму додаваат дека операцијата против терористите во регионот е во тек.
Автопатот М4, познат како патен правец Алепо - Ал Хасека, се наоѓа на 30 километри од границата на Турција.
Во соопштението не беше именувана за која терористичка организација станува збор, но во тој регион активна е терористичката ЈПГ/ПКК.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои се наоѓаат и деца и жени. ЈПГ е нејзин сириски огранок.
Турција и Русија постигнаа согласност за Протоколот со кој ги повикуваат сите страни во Идлиб за прекин на огнот, a турските и рускитe сили, како гаранти на примирјето, заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линиите за раздвојување, односно по Автопатот М4.