Ekipa
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
БЕРЛИН (АА) – Голем број деца бегалци во Германија ќе поминат уште многу време во небезбедни и пренаселени засолништа, со ограничен пристап до образование и со несоодветна здравствена заштита, се резултатите од истражувањето на Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), јавува Anadolu Agency (AA).
Резултатите од истражувањето спроведено над повеќе од 350.000 деца и тинејџери кои пристигнаа во Германија од 2015 година, и кои го поминуваат времето во засолништата, покажуваат дека овие деца често се сведоци или се жртви на насилство или на злоупотреба.
Се истакнува дека само една третина од децата што живеат во засолништа имаат пристап до училиштата и до градинките. Во истражувањето се истакнува дека овие деца не добиваат соодветен третман, каков што имаат германските деца кога станува збор за хроничните заболувања или психичките проблеми.
„Децата што ја изгубија татковината и доживеаја ужасни работи мораат многу брзо да се најдат пат за враќање во нормала, рече директорот на УНИЦЕФ за Германија, Кристијан Шнајдер.
Тој посочи дека децата не се азиланти, мигранти или бегалци, туку едноставно се деца.
Шнајдер повика да се подобри третманот и да им се помогне на децата бегалци, и ги поздрави напорите на Германија за обезбедување сместување и хуманитарна помош за околу еден милион бегалци кои во 2015 и 2016 година дојдоа во оваа земја. Станува збор за бегалците од Сирија, Ирак и од Авганистан, земји зафатени од војна.