Tevfik Durul
22 Март 2019•Ажурирај: 23 Март 2019
АНКАРА (AA) - Турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Шавушоглу, коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, дека „е време да се признае суверенитетот на Израел над Голан" истакна дека таквата постапка на САД би можела да предизвика уште повеќе насилство во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу преку Твитер предупреди дека напорите на Соединетите Американски Држави да ги легитимизираат постапките на Израел, кои се во спротивност со меѓународното право, ќе доведат до уште повеќе насилство и страдање во целиот регион.
„Територијалниот интегритет на земјите е основен принцип во меѓународното право. Турција го поддржува територијалниот интегритет на Сирија", порача турскиот шеф на дипломатијата.
Потсетуваме, американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека е време САД, по 52 години, во потполност да го признае суверенитетот на Израел над окупираниот Голан.
„По 52 години, дојде време САД во потполност да го признаат суверенитетот на Израел над Голанската висорамнина, која е од критичко стратешко и безбедносно значење за државата Израел и за регионалната стабилност", напиша Трамп на Твитер.
Американскиот Конгрес се повеќе врши притисок на Капитол Хил да го смени својот став за прашањето на суверенитетот над Голанската висорамнина.
Стејт Департментот минатата недела за прв пат ја смени терминологијата за спорната територија, напоменувајќи дека се работи за дел на земја кој е под „израелска контрола", наместо досегашниот термин „окупиран".
Признавање на спорното подрачје би претставувало голем пресврт во американската политика само седум дена пред доаѓањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон на средба со Трамп и држење говор пред Американско-израелскиот одбор за јавни работи.
Нетанјаху, пред кој се избори во Израел на 9 април, вршеше притисок на САД да го признае израелскиот суверенитет над Голанската висорамнина.
Израел окупираше поголем дел на Голан, сириска територија, во војната од 1967 година и го припои. Таквиот потег сепак не е меѓународно признаен. Нетанјаху, кој тоа прашање го покрена на својот прв состанок во Белата куќа со Трамп во февруари во 2017 година, му се заблагодари на Трамп на најавата за признавање.