Riyaz Khaliq Khaliq
17 Август 2023•Ажурирај: 21 Август 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Полицијата во Јужна Кореја ги истражува наводните закани за бомби, пратени преку е-пошта, до Врховниот суд на земјата и до дипломатско претставништво, пренесува Анадолу.
Сепак, по пребарувањето на институциите, споменати во најмалку пет е-пораки, полицијата не пронашла никаква трага од експлозивен материјал, наводно пратен од Јапонија, објави денес сеулскиот „Јонхап њуз“.
„Бомби со игли со голема моќност се поставени во јапонската Амбасада, Врховниот суд и во градските собранија низ целата земја и ќе експлодираат од 15:34 часот, петок (0634 GMT), до 14:07 часот, сабота (0507 GMT)“, гласеше е-пораката пратена во изминатите 10 дена.
Јужнокорејската полиција во соработка со јапонските колеги работи на испитувањето на потеклото на е-пораките што се потпишани од јапонски адвокат.
Адвокатот изјави дека неговото име било злоупотребено.
Слична е-порака е пратена до Амбасадата на Јужна Кореја во јапонската престолнина Токио, каде што полицијата ги зајакна безбедносните мерки од понеделникот.
Во веста на „Јонхап њуз“ се додава: „Поради серијата закани со бомби доставени преку е-пошта во последните недели до училишта и владини канцеларии низ целата земја, полицијата ја пребарува областа со специјални сили и кучиња трагачи.