Ekipa
04 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
СЕУЛ (АА) - Челници на безбедносните и разузнавачките служби на Јужна Кореја ќе отпатуваат во Северна Кореја како специјални претставници, објавија денес од Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Чунг Еуи-јонг, шефот на Канцеларијата за национална безбедност на претседателот Мун Џае-ин, ќе ја предводи петчлената делегација, во која е и директорот на Националната разузнавачка служба Сух Хун.
Тие утре ќе отпатуваат на дводневна посета на Северна Кореја при што се очекува да се сретнат со „високи официјални претставници на разговори за начините за воспоставување мир на Корејскиот Полуостров и за развојот на односите меѓу Јужна и Северна Кореја“, изјави Јун Јанг-чан, главен секретар за медиуми на претседателот Мун.
„Особено, (делегацијата) ќе одржи разговори за создавање услови за дијалог помеѓу Северна Кореја и САД, чија цел е денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, додаде Јун.
Претставниците на Сеул потоа ќе заминат во САД за да ги известат надлежните во САД за исходот од нивната посета во Северна Кореја.
Патувањето на делегацијата доаѓа откако двете Кореи достигнаа одредено ниво на соработка за време на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја минатиот месец.
Јужнокорејскиот претседател Мун беше и лично поканет во Пјонгјанг од сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Сепак, претседателот на Јужна Кореја одговори со истакнување на потребата од разговори меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Северна Кореја преку соопштение од Министерството за надворешни работи, напорите за денуклеаризација ги нарече смешни, истакнувајќи дека Пјонгјанг нема да разговара со САД според какви било предуслови.
Официјални претставници на Вашингтон постојано нагласуваа дека Северна Кореја може да постигне глобална соработка и прекинување на санкциите доколку се посвети на напуштањето на своите амбиции во однос на нуклеарното оружје.