Islam Uddin
25 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин вети дека ќе ги продолжи преговорите со Северна Кореја и покрај актуелната трка за тестирање проектили на Корејскиот Полуостров, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Парламентот, Мун Џае-ин изјави дека ќе го продолжи дијалогот и дипломатијата со цел да постигнат мир и просперитет во регионот, објави новинската агенција „Јонхап“.
„Мировните преговори со Северна Кореја се сè уште нецелосни и покрај трите меѓукорејски самити и историскиот самит меѓу САД и Северна Кореја“, изјави јужнокорејскиот претседател.
Тој, исто така рече дека било успешно лансирањето на првата јужнокорејска ракета во вселената минатата недела.
„Кога ќе го направиме последниот чекор, можеме да го ставиме нашиот сателит во орбитата со наша сопствена ракета-носач“, објави агенцијата ицитирајќи ја изјавата на Мун.
Јужна Кореја во четвртокот го изврши своето прво лансирање на домашната ракета-носач, која стигна до целната височина од 700 километри, но, не успеа да лансира сателит во орбитата.
Лансирањето од Јужна Кореја се случи само два дена откако Северна Кореја го тестираше најновиот балистички проектил лансиран од подморница. Пјонгјанг во средата потврди дека лансирал балистички проектил претходниот ден, прво подводно тестирање во земјата од 2019 година.
Осмото ракетно тестирање на Северна Кореја оваа година и петтото од септември доаѓа кога Пјонгјанг се спротивставува на, како што смета, „непријателската политика“ на САД и Јужна Кореја.
Во меѓувреме, главниот пратеник на Сеул за нуклеарната програма, Нох Кју-дук, изјави дека Јужна Кореја заедно со Вашингтон немаат непријателство против Северна Кореја и дека е подготвена да преговара.
„Декларацијата за завршување на војната може да се гледа како најсимболична мерка што покажува дека (сојузниците) не водат непријателска политика против Северна Кореја“, објави „Јонхап“ цитирајќи го Нох кој говореше на Форум во Сеул.
„Верувам дека декларацијата може да обезбеди важен момент за рестартирање на дијалогот со Северна Кореја“.
Нох вчера се состана со неговиот американски колега Сунг Јонг Ким во Сеул и разговараше за начините за продолжување на дијалогот со Северна Кореја.